Студиска посета на Комисијата за спречување на корупцијата на Словенија
Делегација на Државната комисија за спречување на корупцијата, предводена од претседателот Адем Чучуљ, во рамките на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, во периодот 09-11 септември 2026 година, реализира студиска посета на Комисијата за спречување на корупцијата на Република Словенија.
Целта на дводневната посета е запознавање на добри практики и искуства на Словенечката комисија за спречување на корупцијата во спроведувањето на нејзините законски надлежности.
Делегацијата на ДКСК, на почетокот на посетата, оствари средба со претседателката на Комисијата за спречување на корупцијата на Република Словенија г-ѓа Катарина Бервар Штернад и членовите на Комисијата г-ѓа Тина Дивјак и г-дин Алеш Коцјан.
Заменичката на претседателката на Комисијата за спречување на корупцијата на Словенија г-ѓа, Дивјак детално ги претстави клучните предизвици поврзани со раководењето и оперативното управување со Комисијата, добрите практики и предизвиците во постапките за разгледување на пријави за сомнежи за коруптивно однесување, соработката со државните институции и организациите на граѓанското општество во областа на спречувањето на корупцијата како и соработката со медиумите. Дополнително, експерти вработени во Комисијата го претставија системот за пријавување и проверка на имотната состојба на службените лица како и предизвиците во оваа област.
Првиот ден беше заокружен со средба со преставниците на Државниот ревизорски суд на Словенија д-р Петер Премрл, советник на заменичката на претседателот и м-р Маша Железник, заменичка на врховниот државен ревизор, кои ја претставија работата на Државниот ревизорски суд со акцент на размената на ревизорски наоди, показатели за ризици од корупција и информации за сомнежи за утврдените неправилности.
Вториот ден од посетата беше посветен на претставување на четири значајни области од работата на Комисијата за спречување на корупцијата на Словенија, односно системот за заштита на укажувачите, надзорот над лобирањето, дигиталните решенија за зајакнување на транспарентноста како и активностите за унапредување на институционалниот и личниот интегритет. Беа презентирани практичните искуства, добрите практики и предизвиците со кои Комисијата се соочува во овие области.
На крајот на официјалниот дел на студиската посета ДКСК оствари средба со Петер Малeншек, генерален секретар на Transparency International Slovenia, кој ја претстави улогата на неговата организација и се осврна на значењето на независните надзорни институции и активното граѓанско општество за зајакнување на владеењето на правото и спречување на корупцијата.

















