Меѓународен договор за размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба
На 19.03.2021 г. во Белград беше потпишан Меѓународен договор за размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба што беше подготвен во рамките на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ). Потписници на Меѓународниот договор се претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, министерката за правда на Република Србија, Маја Поповиќ и министерот за правда, човекови и малцински права на Република Црна Гора, Владимир Лепосавиќ.
По тој повод, претседателката Ивановска истакна дека „со потпишувањето на овој договор се отвара нова можност за прибирање на податоци за движен и недвижен имот, банкарски сметки и податоци за интересите на службените лица и членовите на нивните семејства надвор од нивната матична држава. Ова претставува прв чекор за откривање на незаконски стекнат имот што се пренесува или купува во други држави. Согласно договорот информациите ќе се обезбедуваат преку административна размена помеѓу антикорупциските тела на државите потписнички. Задоволство ни е што нашите земји се пионери кои го почнуваат овој процес за следење и откривање на имотот, а наша заложба во иднина ќе биде ширење на мрежата и вклучување на други земји и надвор од регионот“.