ОДРЖАНИ КОНСУЛТАТИВНИ СОСТАНОЦИ ЗА ПОДГОТОВКА НА НАЦИОНАЛНАТА СТРАТЕГИЈА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА И СУДИРОТ НА ИНТЕРЕСИ 2026-2030
Во рамки на активностите во насока на подготовка на новата Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030, Државната комисија за спречување на корупцијата ја започна фазата на консултативни состаноци за секој од седумте области, односно сектори кои ќе бидат опфатени со новата Национална стратегија.
Имено, изминатата работна недела, беа одржани тематски консултативни состаноци, на кои беа поканети учесници на државни органи, институции, здруженија, фондации, приватен сектор, на кои, врз основа на претходно утврдените ризици од корупција, но и врз основа на искуството на учесниците во соодветниот сектор/ област, беа утврдени визија, стратешки цели и клучни проблеми за секој од седумте утврдени области и сектори, кои ќе бидат основниот фокус и патоказ за спроведување на следната фаза за подготовка на Националната стратегија.
Согласно Методологијата за подготовка на Националната стратегија 2026-2030, Државната комисија во следниот петгодишен период ќе се фокусира на две хоризонтални области, Јавни набавки и Надзор над спроведување на законите, како и на пет вертикални сектори и тоа: Правосудство, Здравство, Урбанизам и просторно планирање, Животна средина, енергетика и природни ресурси и Транспорт и инфраструктурни објекти.
Во следниот период, Државната комисија ќе одржи вкупно 14 целодневни работилници, по две за секоја област, на кои ќе бидат идентификувани приоритетни проблеми кои генерираат висок степен на корупција, а за нивно надминување ќе бидат креирани мерки и активности, како и надлежни институции за нивна реализација.
Целокупниот процес за развивање на Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030 се проведува во соработка и поддршка од повеќегодишните партнери и поддржувачи на Државната комисија за спречување на корупцијата: Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, проектот „Заедници со интегритет“, финансиран од владите на Швајцарија и Шведска и имплементиран од Националниот демократски институт, проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото” финансиран од Европската Унија.




























