ДКСК го промовира првиот Родов Акциски план 2026-2030
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на 5 декември 2025 година, го промовираше првиот Акциски план за унапредувањето на родовата перспектива 2026-2030, изработен во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Документот произлегува од првата Партиципативна родова проценка споведена во 2024 година, која ги идентификува клучните предизвици, потреби и можности за интеграција на родовата еднаквост во политиките, процедурите и практиките на Комисијата.
На настанот свое воведно обраќање имаа претседателот на ДКСК, г. Адем Чучуљ; г-ѓа Наталија Русу од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, националната експертка г-ѓа Неда Чаловска Димовска, која ги презентираше клучните наоди од Извештајот за родова еднаквост на ДКСК (2024), и заменик-координаторката за родова еднаквост, г-ѓа Севим Мустафа, која го претстави Акцискиот план на Комисијата. Модератор на настанот беше Маја Лазрова од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
По презентациите следеше интерактивна дискусија и рефлексии од учесниците. На настанот присуствуваа 35 претставници од независните институции и регулаторни тела, кои дискутираа за различните ефекти на корупцијата врз жените и мажите, како и за важноста од системско интегрирање на родовата перспектива во борбата против корупцијата.
Со усвојувањето на овој Акциски план, ДКСК станува една од првите антикорупциски институции во регионот што развиле посебен институционален Родов акциски план, поставувајќи нови стандарди во пристапот кон родово сензитивните антикорупциски политики..
Акцискиот план претставува повеќе од формален документ- тој е практична рамка за пофер, поинклузивни и поодговорни политики, со кои ДКСК ги зајакнува капацитетите за препознавање и намалување на родово специфичните ризици од корупција.

















