РАБОТНА ПОСЕТА НА ВИСОКИОТ ИНСПЕКТОРАТ ЗА ПРАВДА НА АЛБАНИЈА
На 12 февруари 2026 година, во просториите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), се одржа работен состанок со делегацијата на Високиот инспекторат за правда на Република Албанија предводена од страна на г.Артур Метани, Висок инспектор за правда, а со поддршка на Присуството на ОБСЕ во Албанија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Делегацијата во рамките на работната посета на Скопје, се сретна со претседателот и членовите на ДКСК, при што беше изразено заедничко задоволство за можноста за соработка и размена на искуства.
Г. Артур Метани ги пренесе впечатоците во врска со институционалната поставеност и надлежностите на ДКСК, стекнати при нејзиното учество на Регионалната конференција посветена на судскиот и обвинителскиот интегритет, одржана во Тирана, на 25-ти и 26-ти септември 2025 година, а организирана заеднички од Високиот инспектор за правда на Република Албанија и Присуството на ОБСЕ во Албанија, во соработка со Мисиите на ОБСЕ во Белград, Подгорица, Приштина, Сараево и Скопје. Во таа прилика ја истакна важноста од одржување на редовни годишни средби во земјите од регионот, со цел да се разменат искуствата и практиките во насока на запазување на принципите на независност, отчетност и интегритет во правосудството и воспоставување на нивна рамнотежа. Воедно, ги претстави и механизмите со кои располага Високиот инспекторат за правда во Република Албанија во насока на подигнување на јавната свест за важноста на превенцијата на корупцијата во правосудството.
Делегацијата беше сеопфатно и директно информирана за механизмите за зајакнување на личниот и институционалниот интегритет во судството кои ги применува ДКСК, со осврт на поддршката на Мисијата на ОБСЕ во Скопје во прилагодувањето на политиките на интегритет во судството и подготвеноста на судовите во Република Северна Македонија да го воспостават системот на интегритет во рамките на своето постоење. Во таа насока беше нагласен придонесот на ДКСК во зголемување на довербата во судството.
Посебно внимание беше посветено на соработката на ДКСК со Судскиот совет на Република Северна Македонија и споделувањето на својата експертиза во однос на изработка на нова Програма и Акциониот план за превенција и следење на корупцијата во судството за периодот 2026–2030 година.
Претседателот на ДКСК ги запозна претставниците на делегацијата и за процесот на донесување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026-2030 година, во чиј фокус и понатаму останува секторот правосудство.
Во рамки на состанокот беа презентирани надлежностите и начинот на постапување на ДКСК по пријави за сомнежи од корупција во областа правосудство, проверка на имотната состојба и спречување на судир на интереси на службените лица во областа правосудство.
На состанокот беше отворено прашањето и за можноста за воспоставување на соработка на ДКСК со антикорупциското тело во Република Албанија. Претседателот на ДКСК, г.Адем Чучуљ со огромно задоволство ги запозна присутните со воспоставената соработка со Агенцијата за спречување на корупцијата на Косово и воедно ја истакна подгответноста на ДКСК да склучи меморандум за соработка и со антикорупциското тело во Република Албанија.
На крајот од состанокот взаемно беше потврдена важноста во обезбедувањето институционална поддршка, соработка и професионална посветеност за ефективна, независна и одржлива борба против корупцијата и судирот на интереси, како и потребата од продлабочување на соработката и размената на знаења и искуства помеѓу земјите во регионот со цел успешно справување со корупцијата.
















