Потпишан Меморандум за соработка помеѓу ДКСК и Националниот демократски институт во рамките на проектот „Заедници со интегритет“
На 6 април 2026 година, во просториите на Националниот демократски институт (НДИ) во Скопје, беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Националниот демократски институт (НДИ), во рамките на проектот „Заедници со интегритет“.
Меморандумот го потпишаа претседателот на ДКСК, г. Адем Чучуљ, и вишиот резидентен директор на НДИ, г. Роберт Скот Хејзлет.
Со овој меморандум, ДКСК и НДИ ја потврдуваат својата заедничка определба за унапредување на интегритетот, транспарентноста и отпорноста кон корупцијата, со посебен акцент на поддршката на општините во воспоставување и јакнење на локалните системи за интегритет.
Соработката ќе биде насочена кон активности за градење капацитети, техничка и стручна поддршка, развој и унапредување на механизми за спречување на корупцијата, како и зајакнување на координацијата меѓу институциите на национално и локално ниво. Во рамките на проектот, посебно внимание ќе биде посветено на поддршка на општините во идентификување и намалување на ризиците од корупција, јакнење на политиките за интегритет, како и унапредување на транспарентноста и отчетноста во работењето.
Проектот „Заедници со интегритет“, финансиран од Швајцарската Конфедерација и Шведска, а имплементиран од НДИ, има за цел да придонесе кон воспоставување посилни механизми за спречување на корупцијата на локално ниво, како и да ја зајакне улогата на институциите, граѓанското општество и медиумите во следењето и унапредувањето на интегритетот во општините.
ДКСК останува посветена на развојот на партнерства што придонесуваат кон создавање поотпорни институции, унапредување на доброто управување и градење доверба кај граѓаните.















