Претставници на Државната комисија за спречување на корупцијата учествуваа на тркалезна маса организирана со поддршка на Мисија на ОБСЕ во Скопје, на која се дискутираше за унапредување на координацијата и соработката меѓу институциите надлежни за следење и контрола на финансирањето на политичките кампањи.
На настанот учествуваа претставници на повеќе релевантни институции, кои разменија мислења и искуства во однос на постојните механизми за финансиско известување и надзор. Во рамки на дискусијата беа разгледани предизвиците со кои се соочуваат институциите во процесот на следење на финансирањето на изборните кампањи, како и можностите за нивно надминување преку практични и одржливи решенија.
Членот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Зоран Богоевски ја истакна важноста од понатамошно унапредување на транспарентноста во финансирањето на политичките активности, како и потребата од зајакнување на механизмите за контрола и соработка меѓу надлежните институции.
Посебен акцент беше ставен на можностите за развој на електронска платформа која ќе овозможи стандардизирано доставување, обработка и анализа на податоците поврзани со финансирањето на политичките кампањи. Ваквиот систем би придонел за поголема транспарентност, поефикасна контрола на финансиските текови и подобар пристап до релевантните информации.
Учесниците разговараа и за потребните чекори за понатамошна дигитализација на процесите, вклучително и можни законски измени, како и за зајакнување на меѓуинституционалната соработка со цел подобрување на системот за надзор на политичкото финансирање.
Овие активности придонесуваат кон зајакнување на транспарентноста, отчетноста и интегритетот во политичкиот систем, како и кон унапредување на институционалните механизми за спречување на корупцијата.
















