Одржана трета тркалезна маса за лобирање со претставници од единиците на локалната самоуправа
Државната комисија за спречување на корупцијата, во соработка со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, на 28 април 2026 година ја одржа третата тркалезна маса на тема „Лобирање во Северна Македонија“, наменета за претставници од единиците на локалната самоуправа.
Настанот се реализира во рамки на серијата тематски тркалезни маси чија цел е да се поттикне поширока институционална и јавна дебата за значењето на транспарентните, етички и отчетни практики на лобирање, во согласност со Законот за лобирање.

Во текот на дискусијата беше истакнато дека единиците на локалната самоуправа имаат клучна улога во практичната примена на принципите на транспарентност и интегритет во лобирањето, имајќи предвид дека токму тие претставуваат прва точка на контакт со граѓаните и бизнис заедницата. Во таа насока, учесниците покажаа јасно разбирање за значењето на лобирањето како легитимен процес на застапување интереси, но и за потребата од негова доследна и ефективна примена во согласност со законската рамка.
Притоа, беше нагласено дека транспарентното и уредено лобирање придонесува кон зајакнување на довербата на граѓаните во локалните институции, како и кон подобрување на процесите на донесување одлуки на локално ниво.
Во рамки на настанот, учесниците имаа можност да ги проследат излагањата на меѓународните експерти, кои споделија искуства и добри практики од европски контекст, со посебен осврт на улогата на локалното ниво во регулирањето и управувањето со лобирањето.
Разменетите мислења, предлози и заклучоци од оваа тркалезна маса ќе бидат земени предвид од страна на работната група, која има за цел нивно систематизирање и вградување во понатамошните активности за унапредување на политиките и практиките во областа на лобирањето.

Државната комисија за спречување на корупцијата ќе продолжи со активности насочени кон јакнење на транспарентноста, интегритетот и отчетноста во лобирањето, како важен сегмент на превенцијата од корупција и унапредувањето на доброто управување на сите нивоа.












