Зајакната соработка меѓу ДКСК и Јавното обвинителство на Република Северна Македонија за унапредување на системот на интегритет
Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Адем Чучуљ, заедно со членот на Државната комисија Софија Спасова Медарска, остварија работна средба со државниот јавен обвинител Ненад Савески, во насока на продлабочување на институционалната соработка и заедничките напори за воспоставување и унапредување на системот на интегритет во јавните обвинителства.

Средбата беше посветена на тековните активности за подготовка на Политика на интегритет во јавните обвинителства, процес кој се реализира со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, и претставува значаен чекор кон системско јакнење на превентивните механизми во рамки на обвинителскиот систем.

Како институција со законски мандат за унапредување на интегритетот и превенција од корупција, ДКСК обезбедува стручна поддршка и насоки во процесот, со цел развој на одржливи, функционални и применливи решенија за управување со ризиците од корупција.

ДКСК оценува дека зајакнувањето на институционалниот интегритет во јавните обвинителства е од суштинско значење за унапредување на владеењето на правото, како и за јакнење на довербата на јавноста во правосудниот систем.














