ДРЖАВНАТА КОМИСИЈА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА ГО ОТВОРА КОНСУЛТАТИВНИОТ ПРОЦЕС ЗА НАЦИОНАЛНАТА СТРАТЕГИЈА 2026–2030
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ја информира јавноста дека започнува консултативниот процес за Предлог Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026–2030, со акциски план за нејзино спроведување.
Согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, ДКСК е надлежна институција за подготовка и донесување на петгодишната Национална стратегија, како клучен стратешки документ за превенција на корупцијата и зајакнување на институционалниот интегритет.
Во текот на 2025 и почетокот на 2026 година, ДКСК спроведе сеопфатен процес на подготовка на новата стратегија, кој опфати изработка на методологии, проценка на ризици од корупција, секторски анализи, како и широк консултативен и експертски процес со претставници на институции, граѓански организации, приватниот сектор, медиумите и меѓународни партнери.
Во рамки на процесот беа организирани 21 целодневни работилници за утврдување на приоритетните ризици од корупција, дефинирање на мерки и активности и идентификување на надлежните институции за нивно спроведување.
Националната стратегија 2026–2030 е фокусирана на области со висок ризик од корупција, меѓу кои:
- јавни набавки;
- надзор над спроведување на законите;
- правосудство;
- просторно и урбанистичко планирање;
- транспорт и инфраструктурни проекти;
- здравство;
- животна средина, енергетика и природни ресурси.
ДКСК оценува дека вклученоста на јавноста е суштински дел од креирањето на ефикасни и одржливи антикорупциски политики, во согласност со меѓународните стандарди и Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата.
Консултативниот процес ќе трае од 26 мај до 08 јуни 2026 година, период во кој сите заинтересирани институции, организации, експерти и граѓани ќе можат да доставуваат свои коментари, предлози и препораки по текстот на Предлог Националната стратегија, достапни на следниот ЛИНК за превземање.
Коментарите и предлозите може да се доставуваат на електронската адреса:
nacionalnastrategija@dksk.org.mk
ДКСК ги повикува сите заинтересирани страни активно да се вклучат во процесот и да придонесат кон креирање ефикасен и применлив систем за спречување на корупцијата и зајакнување на владеењето на правото.














