Државната комисија за спречување на корупцијата и Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, денес, 23 јуни 2026 година, потпишаа Меморандум за соработка.
Меморандумот го потпишаа претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Адем Чучуљ, и деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, проф. д-р Сашо Георгиевски.
Правниот факултет „Јустинијан Први“, како најстара и водечка високообразовна институција во областа на правото во државата, повеќе од 75 години создава правни кадри и придонесува кон развојот на правната мисла, институционалните капацитети и владеењето на правото.
Со потпишувањето на Меморандумот се воспоставува рамка за продлабочена институционална соработка во областа на интегритетот, спречувањето на корупцијата и судирот на интереси, преку размена на знаења, искуства, едукативни активности, научно-истражувачка соработка, практична настава и други активности од заеднички интерес.
Соработката ќе се реализира преку гостински предавања, стручни излагања, размена на добри практики, учество во семинари, курсеви и работилници, поддршка на научно-истражувачката дејност, како и преку организирање практична настава за студентите, согласно расположливите капацитети и законските надлежности на институциите.
Посебен акцент ќе биде ставен на јакнење на знаењата и капацитетите во областите на етичкото постапување, транспарентноста, одговорноста, интегритетот во јавниот сектор, спречувањето на судирот на интереси и превенцијата на корупцијата.
Државната комисија за спречување на корупцијата ја препознава важноста на соработката со академската заедница како значаен придонес кон градење култура на интегритет, унапредување на превентивните политики и поврзување на институционалната пракса со научно-истражувачката и образовната дејност.
Потпишувањето на Меморандумот претставува важен чекор кон посистемска соработка меѓу ДКСК и Правниот факултет, со цел унапредување на знаењата, истражувањата и практичните вештини во областите кои се од суштинско значење за спречување на корупцијата и зајакнување на интегритетот во Република Северна Македонија.
Share
ЕЛЕКТРОНСКИ СИСТЕМ ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ИЗЈАВА ЗА ИМОТНА СОСТОЈБА И ИНТЕРЕСИ
ПРИЈАВА ЗА СОМНЕВАЊА ЗА НЕЗАКОНИТОСТИ И ПРЕКРШУВАЊА НА ЗАКОН ВО ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС, ИЗБОРНАТА КАМПАЊА ДО ЗАВРШУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ ЗА ИЗБОР НА ГРАДОНАЧАЛНИК ИЛИ ЧЛЕНОВИ НА СОВЕТОТ ОДНОСНО, ДО КОНСТИТУИРАЊЕТО НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНИТЕ И ГРАДОТ СКОПЈЕ, ЗА ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ, 2025 ГОДИНА