Учество на ДКСК на регионална конференција за владеењето на правото и антикорупциските стандарди на ЕУ
Членот на Државната комисија за спречување на корупцијата, г-ѓа Софија Спасова Медарска, на 29 септември 2026 година учествуваше на онлајн регионалната конференција на тема „Од општи рамки до директиви на ЕУ: развојот на владеењето на правото во Северна Македонија и Босна и Херцеговина“, организирана од Институтот за европска политика (ЕПИ) во партнерство со Транспаренси интернешнл Босна и Херцеговина.
Во рамките на настанот беше претставена анализа изработена во рамките на проектот „Премостување на јазот: усогласување на националните состојби во областа на владеењето на правото во Северна Македонија и Босна и Херцеговина“. Преку разгледување на уредувањето и работењето на обвинителските совети, како и на барањата од антикорупциската Директива на ЕУ од 2026 година, анализата ги поврзуваат европските стандарди со конкретните предизвици при нивното спроведување во двете земји.
На конференцијата учествуваа претставници на граѓански организации, претставници од правосудството, експерти и други чинители од Северна Македонија и Босна и Херцеговина.

Првата сесија се однесуваше на законските и институционалните решенија за работата на обвинителските совети во двете земји, со посебен осврт на прашањето дали тие обезбедуваат доволна заштита од политичко влијание. Во втората сесија беа разгледани приоритетите за усогласување со антикорупциската директива на ЕУ од 2026 година, како и предизвиците што се јавуваат при примената на антикорупциските стандарди во практика.
Г-ѓа Софија Спасова Медарска учествуваше како панелист во втората сесија, заедно со претставници на истражувачки и граѓански организации.
ДКСК континуирано ги следи новите европски антикорупциски стандарди и реформските процеси во регионот, со цел навремено да ги согледа нивните импликации за националната рамка и за своите надлежности. Учеството во регионални стручни дискусии придонесува за размена на искуства и за утврдување на приоритетите за понатамошно унапредување на превенцијата на корупцијата и системот на интегритет.














