ДКСК и Бирото за јавни набавки потпишаа Меморандум за соработка
Денес, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Бирото за јавни набавки потпишаа Меморандум за соработка, со кој се воспоставува рамка за унапредување на меѓуинституционалната соработка во областа на превенцијата на корупцијата и зајакнувањето на интегритетот во постапките за јавни набавки.
Меморандумот го потпишаа претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, и директорката на Бирото за јавни набавки, Маре Богева Мицовска.
Целта на Меморандумот е да се унапреди координацијата меѓу двете институции преку размена на искуства, информации и добри практики, како и преку спроведување заеднички активности за едукација, обука и развој на политики насочени кон јакнење на интегритетот и спречување на корупцијата.
Во рамките на предвидената соработка, ДКСК и Бирото за јавни набавки ќе работат на организирање заеднички обуки и работилници, размена на информации во рамките на законските надлежности, споделување добри практики и унапредување на знаењата и капацитетите на институциите за препознавање и спречување на коруптивните ризици во постапките за јавни набавки.
Со потпишувањето на Меморандумот, двете институции ја потврдуваат својата посветеност на продлабочување на институционалното партнерство и на преземање конкретни активности за унапредување на системот за спречување на корупцијата, зајакнување на интегритетот и градење институции кои работат во интерес на граѓаните.


















