Одржана средба на претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска со министерот за правда во Владата на Република Албанија Уљси Манја
На 07.04.2022 година претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска, оствари средба со Уљси Манја, министер за правда во Владата на Република Албанија.
Средбата се одржа на барање на г-дин Уљси Манја, кој е во службена посета на Република Северна Македонија, во организација на Амбасадата на Република Албанија во Република Северна Македонија и на истата присуствуваше и амбасадорот г-дин Фатос Река.
Министерот за правда во Владата на Република Албанија г-дин Уљси Манја покажа интерес за статусот и надлежностите на Државната комисија за спречување на корупцијата, начинот на нејзината работа како и за соработката со другите органи надлежни во областа на борбата со корупцијата а особено со Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска го информираше министерот Манја дека Државната комисија за спречување на корупцијата е независен и самостоен државен орган со својство на правно лице и дека за својата работа е одговорна пред Собранието на Република Северна Македонија до кое доставува годишни извештаи за својата работа. При тоа, таа го запозна со начинот на избор на претседателот и членовите на ДКСК, со надлежностите на ДКСК, соработката со другите органи како и со нејзините тековни и планирани активности.
На средбата, министерот Манја ја запозна претседателката на ДКСК Билјана Ивановска со активностите на полето на борбата со корупцијата како и со организацијата на системот за превенција и репресија на корупцијата во Република Албанија.
На средбата стана збор и за примената на законите од областа на заштита на укажувачите во Република Северна Македонија и Република Албанија.
Заеднички беше констатирано дека борбата со корупцијата претставува континуиран процес кој бара заедничка акција и соработка на сите чинители на тоа поле, при што за успешна борба со корупцијата неопходна е политичка воља.
На крајот, обострано беше искажано задоволството од одржаната средба како и подготвеност за идна соработка.