ДКСК ги презентираше Посебните извештаи за финансирањето на изборните кампањи за Локалните избори 2025 и Повторните избори 2026
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), во соработка со Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), денеска во Скопје одржа настан за презентација на Посебните извештаи за утврдените состојби во финансирањето на изборните кампањи за Локалните избори 2025 година и Повторните избори 2026 година.

Настанот го отвори г. Адем Чучуљ, претседател на ДКСК, а обраќање имаше и г-ѓа Јоана Косма, директорка во земјата на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), организација која континуирано дава значајна поддршка во унапредувањето на изборните процеси, демократските стандарди и институционалните капацитети, вклучително и преку аналитичка, експертска и техничка поддршка за следење на изборните кампањи. Деталните наоди беа презентирани од г. Адем Чучуљ, претседател на ДКСК, и г. Зоран Богоевски, член на ДКСК.
Во своето обраќање, претседателот на ДКСК, истакна дека секој изборен циклус претставува сериозен предизвик во управувањето со јавните ресурси и активностите на државните институции, поради што е неопходен ефективен надзор и доследно почитување на законските ограничувања, со цел спречување на корупција и злоупотреба на јавните средства.

Тој нагласи дека законитоста на изворите на средствата за финансирање на изборната кампања, како и законитоста на нивното трошење, претставуваат фундаментален предуслов за фер политички натпревар меѓу учесниците во изборната кампања. Во таа насока, ДКСК, согласно своите надлежности утврдени со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Изборниот законик, активно се ангажирала во превенцијата и спречувањето на корупцијата за време на изборниот процес.

На настанот беше истакнато дека ДКСК, преку мониторирање на финансиското работење на учесниците во изборната кампања, презема мерки за превенција од корупцијата, а своите активности ги спроведува од моментот на распишување на изборите па сè до нивното завршување. Во рамки на следењето на изборниот процес, ДКСК воспоставила соработка со повеќе институции, меѓу кои Државната изборна комисија, Државниот завод за ревизија, Министерството за внатрешни работи, како и со други државни органи и институции, со цел обезбедување на податоци и евиденции за сите регистрирани учесници во изборната кампања.
Во текот на презентацијата беше нагласено и дека ДКСК, со објавување соопштенија и укажувања за законските ограничувања, ги информира сите релевантни субјекти за нивните законски обврски за време на изборниот процес, со цел да се спречат потенцијални злоупотреби и коруптивни дејства.

Во рамки на дискусијата беа отворени и прашања поврзани со медиумското претставување на извештаите и наодите, достапноста и транспарентноста на податоците, како и можните насоки за понатамошно јакнење на изборниот и политичкиот интегритет.
Државната комисија за спречување на корупцијата оценува дека транспарентното, точно и навремено финансиско известување, како и ефикасниот институционален надзор, претставуваат клучни предуслови за зајакнување на довербата во изборниот процес, политичкиот интегритет и демократската отчетност.












