Одржана обука за претставници на општините преку проектот “Заедници со интегритет”
Во рамки на проектот „ Заедници со интегритет “, на 3 јули 2025 година, беше организирана обука на тема „Основи на системот за интегритет“, наменета за лицата за интегритет и претставници од шесте партнерски општини: Битола, Боговиње, Гази Баба, Куманово, Штип и Струмица.

Целта на обуката беше да се зајакнат знаењата и капацитетите на учесниците за значењето на интегритетот во институциите, законската рамка и улогата и одговорностите на лицата за интегритет. Преку комбинација на теоретски дел и практични вежби, учесниците дискутираа за начини на препознавање ризици од корупција, унапредување на внатрешната координација и придонес кон етичко, транспарентно и одговорно управување.

Обуката ја спроведе Александра Чавдаревска, лице за интегритет и Раководител на одделение за стратешко планирање, соработка, проекти, аналитика и едукација во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), која ја нагласи важноста од континуирана институционална поддршка.
Проектот „ Заедници со интегритет “ продолжува да работи со општините на унапредување на системите за интегритет преку континуирана едукација, менторство и поддршка во развојот и спроведувањето на интерни политики и процедури.
Проектот „ Заедници со интегритет “ е поддржан од Владите на Швајцарија и Шведска, а го спроведува Националниот демократски институт (НДИ).
