Серија на обуки за успешна имплементација на елементите од системот на интегритет на локално ниво
Системот на интегритет во единиците на локалната самоуправа подлежи на континуиран процес на унапредување, со кој и понатаму се докажува важноста на соработката помеѓу единиците на локалната самоуправа и Државната комисија за спречување на корупцијата.
Со цел, овие напори да вродат со плод и понатамошно развивање на интегритетот како препознаена категорија, Државната комисија, со поддршка од Мисијата на ОБСЕ, на 4-ти и 5-ти септември 2024 година во Скопје, ја одржа првата од предвидените четири серии на обуки за поуспешна имплементација на елементите од системот на интегритет, на која беа поканети номинирани лица од единиците на локалната самоуправа. Одржаната обука беше фокусирана на обврските кои следуваат со имплементацијата на елементите заштитата на јавниот интерес и управувањето на судирот на интересите, како и управувањето со квалитет во јавниот сектор.
На присутните учесници, како и на гостите, им се обрати заменик претседателот на Државната комисија, г-дин Сервет Демири, кој ја потврди важноста на целосната имплементација на системот на интеритет во рамките на единиците на локалната самоуправа, оценувајќи го истиот процес како системско прашање.
Им честита на учесниците за нивната вклученост во новата програма за обука за спроведување на политиката за интегритет за единиците на локалната самоуправа. Оваа програма, односно серија на обуки е составена од четири серии на обуки со спрецифична тема на фокус, а учесниците – 20 локални службеници за интегритет од различни општини низ Северна Македонија – ќе имаат можност да стекнат подлабоко и многу технички знаења за тоа како да го зајакнат локалниот интегритет во областа на заштитата на јавниот интерес, спречувањето на судир на интереси, управувањето со квалитетот , управување со човечки ресурси, етичко и професионално работење, заштитено пријавување, транспарентност, отчетност и партиципативност, ефикасно, економично и ефективно работење и еднакви можности за жените и мажите.
Државната комисија стои на ставот дека преку континуиран процес на едукација, но и преку лично, етичко и професионално однесување на јавните службеници, со посебен акцент на лицата за интегритет, ќе се создадат подобри услови во делот на одговорностите на единиците на локалната самоуправа.