СООПШТЕНИЕ
Скопје, 17.02.2026 година
Во просториите на Државната комисија за спречување на корупцијата се одржа првата техничка работилница во рамките на ЕУ ИПА Проектот за подобрена дигитализација на државните институции во областите на судството и борбата против корупцијата. Претседателот и членовите на Државната комисија имаа можност да го запознаат проектниот тим составен од претставници на КИНГ ИЦТ Конзорциум од Хрватска и претставници на ДПКДИУ КИНГ ИЦТ дооел Скопје.
Проектниот тим ги презентираше фазите на проектот и временската динамика за негова имплементација пред претседателот, членовите и вработените во Државната комисија. Во посебен фокус на дискусијата беа проектните активности на Компонента 1: Подобрување на ИТ управувањето и имплементација на безбедносни мерки засновани на стандарди и Компонента 5: Надградба на системот за управување со случаи во Државната комисија за спречување на корупција.
Во однос на компонентата 1 од проектот, проектниот тим и Државната комисија на целодневната работилница се осврнаа на аспектите на процесот на управување и процесот на донесување на одлуки во институцијата, стратешкиот пристап во однос на ИТ и политиките на институцијата, системот за управување со безбедност на информации, управување со ризици и рамка за контрола, како и подготвеноста на институцијата за имплементација на систем за управување со безбедност на информации.
За потребите на спроведување на проектните активности од компонентата 5, присутните се осврнаа на преглед на процесите во однос на поднесување и обработка на изјавите за имотна состојба и интереси, можностите за верификација на податоци, интероперабилност со регистри, проверка на судир на интереси, обработка на предмети и управување со документи. Во рамките на оваа компонента дискусијата ги опфати и аспектите на моменталната состојба на ИТ архитектурата на Државната комисија.
Имајќи ја во предвид целта на техничката работилницата, истата овозможи запознавање на проектниот тим со моменталната состојба со дигитализацијата на процесите во Државната комисија, а како резултат на истата беа утврдени заклучни согледувања, идентификувани отворени технички прашања и дефинирани следни чекори во насока на успешна имплементација на проектот.
















