Средба со амбасадорките на Швајцарија и Кралството Шведска
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) оствари средба со Амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. Вероник Улман и Амбасадорката на Кралството Шведска, Н.Е. Ами Ларсон Џаин, кои беа придружувани од г-ѓа Кристина Колозова – постар национален офицер за програми и г-ѓа Билјана Џартова Петровска – виш програмски менаџер.
Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, изрази благодарност за досегашната поддршка и соработка, со посебен акцент на заедничките активности во насока на јакнење на интегритетот во единиците на локалната самоуправа, антикорупциската проверка на легислативата и подготовката на новата Национална стратегија за спречување на корупцијата.
На средбата беа презентирани и резултатите и активностите што ДКСК ги реализираше во текот на 2024 година, согласно законските надлежности, а согласно наодите во годишните извештаи за работата на Комисијата и за спроведувањето на Националната стратегија 2021–2025. Се разговараше и за важноста од соработката со Собранието и Владата, преку меѓупартиската парламентарна група против корупцијата и Меѓуресорското тело за координација, при што беше нагласена потребата од посилна политичка волја за спроведување на препораките на ДКСК.
Амбасадорката Улман информираше за тековната поддршка што амбасадите ја обезбедуваат преку различни проекти, особено преку НДИ, на локално ниво, но и зајакнување на капацитетите на институции како ДКСК, Државниот завод за ревизија, Бирото за јавни набавки и Државниот инспекторат за локална самоуправа.
Во фокусот беше и соработката со Јавното обвинителство, каде беа презентирани тековните и идните активности, вклучително и подготовките за потпишување нов меморандум за соработка.
Амбасадорките ја истакнаа важноста од континуирана и меѓуинституционална соработка, вклученост на граѓанскиот сектор и медиумите, како и потребата од натамошно зајакнување на капацитетите на ДКСК за поефикасна превенција и борба против корупцијата.
Средбата заврши со обострано задоволство и подготвеност за продлабочување на соработката преку заеднички проекти насочени кон зајакнување на институционалниот интегритет и ефективно спроведување на антикорупциските политики.


