Средба со Мисијата за процена на потребите (NAM) на ODIHR при ОБСЕ
Членовите на ДКСК м-р Цвета Ристовска и Зоран Богоевски и Генералниот секретар Адем Чучуљ, на 27.06.2025 година, остварија средба со г-ѓа Ксенија Дашуцина, виш советник за избори од Канцеларијата за демократски институции и човекови права – ODIHR при ОБСЕ и г. Ранко Вукчевиќ, советник за избори на ODIHR, како мисија за процена на потребите.
Мисијата на ODIHR е во посета на Република Северна Македонија од 24 до 27 јуни 2025 година, во рамки на која се остварени средби со повеќе државни институции, политички партии, невладини организации и медиуми вклучени во процесот на следење на изборниот процес. Според стандардната методологија на ODIHR, целта на Мисијата е да го процени предизборниот амбиент и потребните подготовки за претстојните избори, врз основа на што NAM ќе препорача вид на набљудување од ODIHR на претстојните избори.
Членовите м-р Цвета Ристовска и Зоран Богоевски ги запознаa претставниците на ОДИХР со надлежностите на ДКСК во насока на следење на финансирањето на изборната кампања, следењето на трошењето на буџетските средства и другите активности поврзани со изборниот процес. Притоа, информираа и за спроведените активности поврзани со претходните изборни циклуси потенцирајќи ги предизвиците со кои ДКСК се соочи поради ограничените капацитети.
На средбата преставниците на ДКСК се осврнаа на системските слабости и законските недоречености поврзани со следењето на изборниот процес, нагласувајќи дека спроведувањето на надлежностите на ДКСК при претстојните локални избори ќе биде сериозен предизвик со оглед на обемноста на локалните избори за што е неопходна поддршка од меѓународните партнери.

