ДКСК ја презеде Платформата за регистар на подароци
Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата Адем Чучуљ и Олег Солдатов, раководител во Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје потпишаа акт за официјално предавање на Платформата за регистар на подароци.
Платформата е развиена во рамките на Проектот на Европската Унија и Советот на Европа против економскиот криминал во Република Северна Македонија и е наменета за поддршка на процесите за регистрација и пријавување на подароци од страна на јавните службеници и вработените во државните институции.
Со воспоставување на централизирана и безбедна дигитална платформа, се овозможува поефикасно, поточно и конзистентно водење на регистарот на подароци, што претставува значаен чекор во спречување на судир на интереси, унапредување на транспарентноста и зајакнување на институционалниот интегритет.
„Со воспоставување на оваа дигитална алатка се зајакнува транспарентноста, институционалниот интегритет и јавната доверба во јавните институци во почитување на законските ограничувања за примање на подароци. Со воспоставување на одржливи дигитални решенија се зајакнуваат институциналните капацитети на ДКСК во насока на поефикасно спроведување на нејзините законски надлежности.“ нагласи претседателот Чучуљ.
„Советот на Европа со гордост ги поддржува напорите на Северна Македонија за промовирање на транспарентноста и доброто управување. Преку формалниот пренос на изворниот код на Каталогот на подароци до Државната комисија за спречување на корупција, заедно со спроведената целна обука за државни службеници, оваа иницијатива дополнително ја зајакнува нашата заедничка посветеност на зајакнување на институционалниот интегритет и борба против корупцијата,” истакна Олег Солдатов, раководител на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје.
Државната комисија за спречување на корупцијата продолжува со спроведување активности насочени кон унапредување на дигитализацијата, јакнење на институционалниот интегритет и зголемување на јавната доверба во институциите.

















