Започна мандатот на новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата
Новоизбраната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска и членовите на новиот состав на ДКСК Цвета Ристовска, Софија Спасова Медарска, Бесник Џемаиљи, Билјана Каракашова Шулев, Сервет Демири и Зоран Богоевски, денес, во Собранието на Република Северна Македонија, дадоа свечна изјава.
По давањето на свечената изјава, претседателката Димитровска и членовите на новиот состав на ДКСК, во просториите на ДКСК, одржаа средба со претседателката и членовите на претходниот состав на ДКСК.
На средбата поранешната претседателка Билјана Ивановска и поранешните членови на ДКСК им посакаа успех во работата на новоизбраната претседателка и членови на ДКСК. Воедно, ги информираа за започнатите и реализираните активности, како и предизвиците со кои се соочувала ДКСК во своето работење.
Заеднички беше истакнато дека е неопходно да продолжи континуираниот процес на развој на ДКСК со цел зајакнување на нејзиниот статус како и ефикасно спроведување на нејзините законски надлежности во насока на поуспешно спречување на корупцијата.