ОБЕЛЕЖУВАЊЕ НА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА
На 04 – ти декември 2025 година во Клубот на пратениците, Државната комисија за спречување на корупцијата го одбележа Меѓународниот ден за борба против корупцијата.
Овој настан се одржа во период кога Државната комисија за спречување на корупцијата го финализира процесот на мониторинг на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021–2025 и паралелно го одбележува процесот за активно развивање на новата Национална стратегија 2026–2030 – документ што ќе го насочи антикорупцискиот систем во следните неколку години. Имено, со процесот на финализирање на новата Национална стратегија, одговорноста и очекуваните резултати ќе бидат постојан предизвик за сите институции и носители на јавни функции, но и за самата Државна комисија, која ќе треба доследно да го следи, мери и јавно да го вреднува напредокот.
Одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупцијата не е само календарски потсетник – тој е глобален повик за зајакнување на културата на интегритет, чесност и јавна одговорност.
Тој потсетува дека борбата против корупцијата никогаш не е завршена, и дека секоја институција, секоја организација и секој поединец имаат сопствен удел и одговорност во создавањето на општество засновано врз доверба.
Настанот беше можност да слушнеме претставници од релевантни институции од земјата и од странство – партнери кои заедно со Државната комисија ја градат визијата за држава отпорна на корупција, со силни институции и интегритет како непроменлива вредност.
Поддржувачи на овој настан беа Владите на Швајцарија и Шведска, преку проектот „Заедници со интегритет“, имплементиран од Националниот демократски институт (НДИ).
Најнапред свое обраќање имаше претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, г-дин Адем Чучуљ, кој од свој аспект ја долови важноста на постапувањето на Државната комисија, визијата, принципиелноста и јасната определба дека интегритетот мора да биде темел, а не додаток во институционалното делување. Претседателот Чучуљ се осврна на клучните активности на ДКСК во наредниот период поврзани со превентивната улога на ДКСК во насока на градење на систем отпорен на корупција, носењето на новата Национална стратегија, промоцијата на интегитетот и подигањето на јавната свест за лобирањето.
Претседател на Собранието на Република Северна Македонија г-дин Африм Гаши во своето обраќање истакна дека интегритетот не се прокламира, туку се демонстрира – најпрво и најмногу во институцијата што ги носи законите. Имено, улогата на Собранието е суштинска – ако ДКСК ја дефинира насоката на развој на антикорупциски реформи – Парламентот преку законодавната рамка, контролните механизми и транспарентното работење, ја одредува амбицијата на антикорупциските реформи.
H.E. Кристоф Зомер, Амбасадор на Швајцарија, кој ја пренесе пораката од земја која е синоним за стабилност, доверба и силни институции. Швајцарија, како долгорочен и искрен партнер на Северна Македонија, континуирано ја поддржува борбата против корупцијата преку програмите за добро владеење и преку проектот „Заедници со интегритет“, чија улога е од суштинско значење за градењето на отпорни и одговорни институции.
Свое обраќање имаше Н.Е. Ола Сулстром, Амбасадор на Шведска, кој ја пренесе пораката дека интегритетот е секојдневна обврска, а не само стратешка цел. Имено, Шведска е земја која е долгорочен и доверлив партнер на нашата држава во реформите за владеење на правото, отчетноста и јавната етика. Шведска, како ко-финансиер на проектот „Заедници со интегритет“, со својата континуирана поддршка придонесува кон зајакнување на културата на чесност, транспарентност и одговорно управување со јавниот интерес.
Заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, г-дин Бен Нупнау, ја истакна европската перспектива кон изградбата на систем отпорен на корупција – перспектива која континуирано потсетува дека напредокот се мери преку независност на институциите, доследна примена на законите и остварливи резултати.
Европската Унија во своите извештаи континуирано ја нагласува важноста на силни, професионални и непристрасни антикорупциски механизми како темел на реформскиот процес.
Следното обраќање беше од партнер кој долги години претставува стабилен и доверлив сојузник во напорите за градење институции засновани на интегритет, отчетност и професионализам, г-дин Едвард Андерсон, Шеф на Одделот за сигурност и поддршка на заедниците, Мисија на ОБСЕ во Скопје.
Мисијата на ОБСЕ во Скопје континуирано придонесува за унапредување на стандардите за транспарентност и јакнење на етичката култура во јавниот сектор – со особена поддршка во унапредувањето на системот за интегритет, како на локално ниво, така и во судскиот систем, кои се клучни сегменти за целокупното владеење на правото.
Обраќање во име на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата имаше г-динот Александар Кржаловски, кој ја пренесе пораката дека системите се отпорни само кога граѓаните се будни и гласни. Граѓанскиот сектор – предводен од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата активно придонесува кон изготвување на стратегиите и следење на примената на истите и подигање на јавната свест во градењето на отпорни институции и информирана јавност.



































