Обука за зголемување на обучувачките вештини кај лицата за интегритет во единиците на локалната самоуправа
На 29 јули 2025 година, во хотел „Александар Палас“ – Скопје, Државната комисија за спречување на корупцијата, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, организираше специјализирана обука за обучувачи на тема зголемување на комуникациските и обучувачките вештини кај лицата за интегритет во единиците на локалната самоуправа.
Оваа активност претставува продолжение на повеќегодишните напори за зајакнување на капацитетите на локалните власти во областа на интегритетот. Во периодот 2021–2024, преку три циклуси на обуки, 30 единици на локална самоуправа добија техничко знаење и алатки за унапредување на интегритетот во своите општини.
Овојпат, фокусот беше ставен на развивање на вештини за обучување, со цел лицата за интегритет да станат преносители на знаење, да можат да подготват и реализираат ефективни обуки, да инспирираат и да поттикнат трајни промени во локалното управување.
Настанот започна со воведни обраќања од Г. Адем Чучуљ, генерален секретар на ДКСК, заедно со г-а Наталиа Русу, раководителка на Одделот за демократизација при Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Согласно програмата, обучувачи беа Маја Лазарова, од Одделот за демократизација при Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Александра Чавдаревска, Раководител на одделение за стратешко планирање, соработка, проекти, аналитика и едукација и лице за интегритет на ДКСК.
Програмата ги опфати следните теми:
- Принципи на учење кај возрасни и примената на андрогогијата во процесот на обука;
- Пренос на знаење и улогата на лицето за интегритет, вклучително алатки за комуникација и практични вежби;
- Презентациски вештини, дизајнирање на ефективна обука, користење на визуелна поддршка и справување со предизвикувачки ситуации.
Резултатите од обуката го потврдуваат нејзиниот ефект: просечниот резултат на знаење кај учесниците се зголеми од 81,64% точни одговори на почетното тестирање, на 96,94% по завршувањето на обуката.
ДКСК ќе продолжи да ги поддржува лицата за интегритет во практичната примена на новите вештини и знаења, со цел ова знаење да се пренесе понатаму, во секоја општина и институција, да се вгради во работата на општинската администрација и да придонесе за развој на трајна култура на интегритет во локалната самоуправа во државата.

















