Одбележан Меѓународниот ден за борба против корупцијата
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска имаше свое обраќање на главната панел дискусија по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупција, која се одржа на 07 Декември 2023 година во хотелот „Холидеј инн“ во Скопје, во рамки на „Отворениот форум за антикорупција“.
Притоа, таа нагласи дека транспарентноста, чесноста и професионалноста ќе го одбележат работењето на овој состав на ДКСК, што е забележано од јавноста и меѓународната заедница. Претседателката Ивановска изрази надеж дека ДКСК ќе продоли да функционира во ист правец, за што е неопхоно да се доекипира секретаријатот на ДКСК, што впрочем е и препораката на меѓународната заедница.
Мери-Мадлен Канелопулу, раководителката на операции на Делегацијата на Европската унија, во нејзиниот говор истакна дека борбата против корупцијата е долг и континуиран процес и дека напредокот на ова поле е клучен за приклучување на земјата кон ЕУ. За успешноста на државана на полето на борбата против корупцијата потребни се посветеност и заложби на сите институции, граѓаните, како и унапредување на правната легислатива, нагласи таа.
Александар Кржаловски, директорот на МЦМС, во неговото обраќање, потенцираше дека во изминатиот период можеше да се забележи дека институциите можат брзо да делуваат и дека имаат капацитети за тоа. Тој ја истакна важноста на извештаите на ДКСК и ДЗР и неопходноста да се постапува согласно нивните препораки, како и да се земаат предвид анализите и извештаите на граѓанските организации.
На крајот на дискусијата заеднички беше констатирано дека за да имаме успешно владеење на правото, императив е да се воспостави ефективна и редовна комуникација и координација помеѓу сите институции како и соработка на јавниот со приватниот сектор.