Одржана менторска сесија со претставници на општините преку проектот “Заедници со интегритет”
Во рамки на проектот „ Заедници со интегритет “, на 30 септември 2025 година, беше организирана менторска сесија на тема „ Заштита на укажувачите и изработка на интерен акт за заштитено внатрешно пријавување“, наменета за лицата за интегритет и овластените лица за заштитено пријавување – претставници од партнерските општини вклучени во проектот: Битола, Гази Баба, Куманово, Штип и Струмица.

Целта на обуката беше да се зајакнат знаењата и капацитетите на учесниците за значењето на заштитеното пријавување, законската рамка и улогата и одговорностите на овластените лица за прием на пријави од укажувачи.
На менторската сесија беа презентирани примери поврзани со заштитено пријавување од досегашната пракса од постапување по конкретни предмети и беше остварена конструктивна дискусија помеѓу присутните.
Обуката ја спроведе овластеното лице за заштитено внатрешно и заштитно надворешно пријавување во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), м-р Ирена Поповска, која ја нагласи важноста од континуирана меѓуинституционална соработка и поддршка, реализирана преку обуки.
Проектот „ Заедници со интегритет “ продолжува да работи со општините на унапредување на системите за интегритет преку континуирана едукација, менторство и поддршка во развојот и спроведувањето на интерни политики и процедури.
Проектот „ Заедници со интегритет “ е поддржан од Владите на Швајцарија и Шведска, а го спроведува Националниот демократски институт (НДИ).