ОДРЖАНА РАБОТИЛНИЦА ЗА КОНСОЛИДАЦИЈА НА МАТЕРИЈАЛИТЕ НА НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА И СУДИРОТ НА ИНТЕРЕСИ 2026–2030
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), во периодот од 4 до 6 февруари 2026 година, со поддршка на проектот „Заедници со интегритет“, финансиран од владите на Швајцарија и Шведска, а имплементиран од Националниот демократски институт (НДИ), одржа тридневна работилница посветена на консолидација и унапредување на работните материјали за новата Национална стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2026–2030 (НС 2026–2030).
Работилницата беше насочена кон темелна и систематска анализа, усогласување и доработка на содржините подготвени од ангажираните експерти во директна соработка со сите вклулени чинители, со цел обезбедување кохерентна структура, јасно дефинирани и мерливи цели, како и реално остварливи мерки и активности. Посебен акцент беше ставен на адресирање на идентификуваните приоритетни проблеми и корупциски ризици во рамки на двете хоризонтални области и петте вертикални сектори опфатени со Стратегијата, водејќи сметка за нивната меѓусебна поврзаност и практична применливост.
На завршната сесија од работилницата учествуваа и копретседавачите на Меѓупартиската парламентарна група за борба против корупцијата, пратеничката Соња Мираковска и пратеникот Љупчо Пренџов, како и претставници од Кабинетот на заменикот претседател на Владата задолжен за добро владеење.
Нивните излагања и коментари дадоа значаен придонес кон зајакнување на политичката поддршка и унапредување на меѓуинституционалната координација во процесот на изработка на НС 2026–2030, при што беше потенцирана потребата од континуирана и тесна соработка меѓу ДКСК, Собранието и Владата за успешен процес на целосно исполнување на поставената националната антикорупциска стратешка рамка.
ДКСК ќе продолжи да го води процесот на подготовка на НС 2026-2030 преку транспарентен и инклузивен пристап и во понатамошните фази, со цел создавање ефикасна и одржлива рамка за превенција и сузбивање на корупцијата.


















