Одржана средба со амбасадорката на Швајцарија Н.Е. Вероник Хулман
Државната комисија за спречување на корупцијата, на 07 февруари 2023 година, оствари средба со амбасадорката на Швајцарија во Република Северна Македонија Н.Е. Вероник Хулман. На средбата учествуваше и Кристина Колозова од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Средбата се одржа на барање на амбасадорката Хулман, со цел запознавање со Државната комисија за спречување на корупцијата и нејзините законски надлежности како и нејзините тековни и планирани активности.
Амбасадорката Хулман накусо ја презентираше улогата на Швајцарската амбасада во однос на развивање на проекти за борба против корупција. Таа ја истакна важноста на работата на ДКСК, нагласувајќи дека Швајцарија им дава особено значење на транспарентните и одговорни јавни институции како столбови на демократијата.Во таа насока, од нејзина страна беше покажан интерес за потребите и приоритетите на ДКСК како и потребната поддршка за реализација на нејзините надлежности, истакнувајќи дека Швајцарската амбасада преку својата програма за развојна соработка дополнително ќе ја зајакне својата посветеност за борба против корупцијата.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска и присутните членови на ДКСК накусо ја запознаа амбасадорката Хулман со законските надлежности на ДКСК и со предизвиците со кои ДКСК се соочува во своето функционирање.
Беше искажано задоволство од понудената соработката особено во делот на искажаната подготвеност на Швајцарската амбасада за зајакнување на капацитетите на ДКСК со цел поефикасна борба против корупција.