Одржана средба со амбасадорот на Австрија Н.Е. Мартин Памер
Државната комисија за спречување на корупцијата, на 07 декември 2023 година, оствари средба со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер.
Средбата се одржа на барање на амбасадорот Памер, со цел запознавање со Државната комисија за спречување на корупцијата и нејзините законски надлежности, статусот на ДКСК во политичкиот систем како и нејзините тековни и планирани активности.
Амбасадорот Памер истакна дека главна тема во Република Северна Македонија е корупцијата која претставува голем проблем кој го кочи напредокот на државата.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска и присутните членови накусо го запознаа амбасадорот Памер со законските надлежности на ДКСК, со постигнувањата на овој состав на ДКСК како и со предизвиците со кои се соочува во своето функционирање.
Обострано беше констатирано дека политичкото влијание во институциите, неказнивоста и неспроведување на препораките и укажувањата на регулаторните тела а особено на ДКСК се главни причини за неефикасноста во борбата против корупцијата. Во таа насока, беше истакнато дека е неопходна силна политичка воља како и координирана активност на сите општествени чинители во насока на зголемување на ефикасноста во борбата против корупцијата која е системски проблем во Република Северна Македонија.
На средбата стана збор и за последните измени на Кривичниот законик, пришто амбасадорот Памер потенцираше дека содржината на измените и начинот на кои се донесени фрла дамка на владењето на правото во Македонија.
Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска информираше дека ДКСК прва реагирала и го изнела својот став по однос на предлогот за изменување и дополнување Кривичниот законик. Притоа, нагласено е дека Кривичниот законик како еден од столбовите на правниот систем, треба да го штити функционирањето на правната држава. Со донесувањето на измените и дополнувањата на овој закон во Собранието на Република Северна Македонија, по скратена постапка и употреба на европското знаменце, односно на начин со кој не беше дозволена широка јавна расправа, експерстка дебата ниту анализа на последиците што ќе ги предизвика ова законско решение, сериозно се загрозува правната сигурност во државата.
На крајот на средбата, обострано беше искажано задоволство од остварената средба и искажаната подготвеност за соработка.