Потпишан Меморандум за соработка помеѓу ДКСК, ДИК и ДЗР во пресрет на претстојните локални избори
Државната комисија за спречување на корупцијата, Државната изборна комисија и Државниот завод за ревизија потпишаа Меморандум за соработка во пресрет на претстојните Локални избори, со што ја продолжуваат одличната професионална и стручна соработка.
Со овој Меморандум трите институции ја зацврстуваат својата определба за непосредна соработка, координација и заемна помош при спроведување на одредбите за финансирање на изборната кампања, размена на информации и податоци, како и навремено постапување по утврдени неправилности.
Посебен акцент е ставен на транспарентноста во финансирањето на изборната кампања преку редовна размена на финансиски извештаи, како и на заеднички активности за унапредување на почитувањето на изборната регулатива со цел спроведување слободни, фер и демократски избори.
Меморандумот предвидува и меѓусебна соработка во делот на постапување по претставки, приговори и други постапки од заеднички интерес, консултации и размена на искуства, како и создавање и имплементација на заеднички проекти.
Со потпишувањето на овој документ ДКСК, ДИК и ДЗР испраќаат јасна порака за нивната решителност да обезбедат кредибилен изборен процес и да ја зголемат довербата на граѓаните во институциите и изборите.

