Регионалниот форум „Од политика до импакт: унапредување на интегритетот и институционалните реформи на Западен Балкан“
Државната комисија за спречување на корупцијата беше дел од Регионалниот форум „Од политика до импакт: унапредување на интегритетот и институционалните реформи на Западен Балкан“, кој се одржа на 10.12.2025 година, во организација на Владата на Република Северна Македонија, во партнерство со УНПОС и амбасадите на Шведска, Швајцарија, и Европската Унија.
Форумот беше отворен од Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, кој истакна дека борбата против корупцијата мора да биде трајна државна политика заснована на резултати, а не само политичка реторика.
Во рамки на панел дискусијата на тема „Одговорност во јавните институции – Трансформирање на политиките во следливи и мерливи резултати“ свое обраќање имаше претседателот на ДКСК Адем Чучуљ, кој се осврна на активностите за изготвување на Националната стратегија 2026-2030 и сподели позитивни искуства на ДКСК во однос на соработката со Судскиот совет во изготвување на Програмата за превенција на корупцијата на судството, преземните активности за промоција и јакнење на интегритетот на локално ниво како и спроведената родова проценка на ДКСК врз основа на која е изготвен родов акциски план.
На настанот учествуваа претставници на министерства за правда, антикорупциски тела и раководители на институции од земјите на Западен Балкан, како и антикорупциски експерти, претставници на граѓанското општество, медиумите и меѓународните организации.
Форумот опфати четири сесии насочени кон продлабочување на регионалната соработка, зајакнување на механизмите за отчетност, користење на технологијата и вештачката интелигенција во борбата против корупцијата, како и улогата што граѓанското општество и истражувачкото новинарство ја имаат во транспарентноста на јавните финансии и откривањето на злоупотребите.
На крајот на настанот беше усвоена посебна декларација, документ со мерливи заложби за интегритет, транспарентност и регионална соработка.
















