СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА
На покана на Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, на ден 29 јануари 2026 година, во Свечената сала во Владата беше одржана обука на тема „Систем на интегритет, транспарентност и превенција од корупција – основи за воспоставување и унапредување на личен и професионален интегритет“, во организација на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
На обуката учествуваа претседателот на ДКСК, г-дин Адем Чучуљ и г-ѓа Александра Чавдаревска, во улога на обучувач.
Во своето обраќање, претседателот Чучуљ ја истакна важноста на интегритетот како темелна вредност на доброто институционално управување и неопходен предуслов за градење доверба во институциите, нагласувајќи дека превенцијата од корупција започнува со јасно поставени правила, но се одржува преку лична и институционална одговорност.
Обуката беше фокусирана на практичните и системските аспекти на интегритетот во јавниот сектор, при што се разговараше за улогата на Владата како носител на јавни политики и пример за целиот јавен сектор, значењето на транспарентноста и отчетноста, надлежностите на ДКСК во имплементацијата и мониторингот на системот за интегритет, како и за управувањето со судирот на интереси, јавните ресурси, дискреционите овластувања и заштитеното пријавување на укажувачи.
Посебен акцент беше ставен на личниот интегритет како потребна секојдневна професионална практика, а не формална обврска, како и на штетните последици од коруптивните појави врз институциите и општеството во целина.
Во рамки на обуката беше потенцирано дека системот за интегритет претставува жив и динамичен процес кој бара континуирана едукација и јакнење на капацитетите на јавните службеници. Истовремено, беше нагласена потребата од понатамошно унапредување на системот за интегритет, во насока на негова целосна институционализација и јакнење на превентивниот пристап во борбата против корупцијата.
ДКСК останува посветена на континуирана едукација и соработка со институциите, препознавајќи дека инвестирањето во високото ниво на познавање на антикорупциската материја е клучно за зајакнување на институционалниот интегритет, а со тоа и јавната доверба, отчетноста и квалитетот на постапувањето на институциите.


















