Соопштение
Со Заклучок бр.10-3082/1 од 30.05.2024 година, Државната изборна комисија на Република Северна Македонија го објави завршувањето на Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, 8 мај 2024 година.
По завршување на изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, Државната комисија за спречување на корупцијата, упатува сооопштение и ги повикува избраните функционери, да ги почитуваат начелата, обврските и забраните утврдени во Уставот на Република Северна Македонија, Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Законот за пратеници, Законот за собранието и Изборниот Законик.
Уставот на Република Северна Македонија, предвидува дека Функцијата претседател на Владата и министер е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии. (член 89 став 5)
Ова недвосмислено произлегува и од:
Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и тоа:
Почитување на начелото на интегритет, односно обврската при вршењето на функцијата да внимаваат на евентуален судир на интереси, а при извршувањето на јавните овластувања и должности не смеат да се раководат од лични, семејни, верски, партиски и етнички интереси, ниту од притисоци и ветувања од претпоставениот или од друго лице (член 4);
Избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите. (член 44 став 1)
Функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер, пратеник, член на совет, градоначалник, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и други функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија или органите на локалната самоуправа се неспојливи една со друга. (член 44 став 2)
На избраните и именуваните лица, чии функции се извршуваат професионално, работниот однос им мирува согласно со закон. (член 44 став 3).
Законот за пратениците на Република Северна Македонија:
Функцијата пратеник е неспојлива со функцијата претседател на Република Македонија, претседател на Владата на Република Македонија, министер, судија на Уставниот суд на Република Македонија, судија, народен правобранител, јавен обвинител и други носители на функции кои ги избира и именува Собранието и Владата на Република Македонија, со член на совет на општина и градоначалник на општина, односно градот Скопје и вработените на стручни и управни работи во органите на државната управа. (член 9)
Законот за собранието:
Функцијата пратеник е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии, утврдени со закон. (член 7 ст.2) и
Изборниот законик:
Функцијата пратеник, член на совет и градоначалник е неспојлива со функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и со други носители на функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија. (член 8 став 1)
Со денот на верификацијата на мандатот за пратеник, член на совет и градоначалник на носителите на функциите од ставовите (1) и (2) на член 8, функцијата им престанува. (член 8 став 5)
Предвид сите погорецитирани закони, Државната комисија укажува на следното:
Уставот и законите на Република Северна Македонија треба подеднакво да важат за сите граѓани на државата, вклучувајќи ги и актуелните, но и претходните функционери, поради што се повикуваат лицата кои се на највисоки државни функции и вршат јавни овластувања, на обврската за почитување на начелата за законитост и интегритет.
Непочитувањето на сите горенаведени обврски и забрани повлекува последица за престанок на мандатот на избраните функционери, согласно член 6 став 1 точка 3 од Законот за собранието, член 8 став 1, точка 3 од Законот за пратениците и член 152 став 1, алинеја 3 од Изборниот законик. Воедно, истото претставува прекршок за кој согласно член 105 став 1 алинеја 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси се изрекува одредена прекршочна санкција.