Соопштение
Државната комисија за спречување на корупцијата и судирот на интереси е изненадена од изјавите на политички партии кои се обидуваат работењето на Комисијата да го искористат за дневно политички пресметки.
Ваквите неаргументирани напади се штетни за институциите, го рушат нивниот интегритет, истовремено го рушат и интегритетот на политичките партии и создаваат општа недоверба во јавноста. ДКСК постапува во рамките на своите законски надлежности, неселективно ги разгледува доставените пријави, отвора предмети по сопствена иницијатива, а своите одлуки ги носи на јавна седница. За тоа говорат и фактите, имено само минатата година Комисијата донесе одлука за 479 предмети.
Имајќи предвид дека борбата со корупцијата е приоритет во земјава, Комисијата очекува сите чинители во државата да дадат свој придонес и заедно да се избориме со ова општествено зло, што е можно само со искрени и заеднички залагања од страна на сите фактори во општеството.