Тркалезна маса за наодите од Извештајот за мапирање на состојбите во јавните набавки и клучните генератори на корупцијата
Државната комисија за спречување на корупцијата заедно со ИПА Проектот на ЕУ „Поддршка за владеење на правото“, на 10.10.2024 година, организираше тркалезна маса со клучни чинители, на којашто предмет на дискусија беа наодите од Извештајот за мапирање на состојбите во јавните набавки и клучните генератори на корупцијата, којшто го презентираше експертката г-ѓа Сабина Факиќ.
Претседателката на ДКСК Татјана Димитровска во своето обраќање ја потенцираше активната превентивна улога на ДКСК во спречување на корупцијата во јавните набавки, но и во подигнување на институционалниот интегритет на институциите, како еден од клучните елементи во намалувањето на ризиците од корупција во јавните набавки.
Како најважен документ кој може да го апсолвира и да му пристапи системски на прашањето со корупцијата во јавните набавки е токму Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интересите каде како хоризонтална област во која се детектирани приоритетни проблеми кои генерираат висок степен на корупција се јавните набавки, нагласи претседателката Димитровска. Таа додаде дека и во подготовката на новата Национална стратегија за периодот 2026-2030 година, јавните набавки ќе го имаат приматот како една од областите кои се најподложни на корупција.
На тркалезната маса учествуваа претставници од следните институции: Биро за јавни набавки, Државна комисија за заштита на конкуренцијата, Државна комисија за жалби по јавни набавки, Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, Државен завод за ревизија, Министерство за финансии и Министерство за правда. Исто така, на тркалезната маса учествуваа и претставници од Бизнис Конфедерација на Северна Македонија и од проектот финансиран од Швајцарија „Градење отпорност на корупција на локално ниво во РСМ“.