УНАПРЕДУВАЊЕ НА МЕХАНИЗМИТЕ ЗА ИНТЕГРИТЕТ ВО СУДСТВОТО – ПРОМОЦИЈА И ПОТПИШУВАЊЕ НА ПОЛИТИКИ НА ИНТЕГРИТЕТ
Државната комисија за спречување на корупцијата, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, на 18 декември 2025 година во хотел „Холидеј Ин“ ја одржа промоцијата и потпишувањето на ажурираните Политики за интегритет во судството. Настанот претставува значаен чекор во унапредувањето на системот на интегритет во правосудството, како дел од поширок, инклузивен и транспарентен процес започнат во втората половина на 2025 година.

Во рамките на настанот беа потпишани Политиката за интегритет на Судскиот совет на Република Северна Македонија, Политиката за интегритет на Академијата за судии и јавни обвинители, како и Политиката за интегритет прилагодена на спецификите на судовите, потпишана од страна на претседателот на Врховниот суд и претседателите на апелационите судови.
Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, г-дин Адем Чучуљ, истакна дека промоцијата и потпишувањето на Политиките за интегритет не се институционална формалност, туку јасна заедничка порака дека интегритетот е предуслов за правда и доверба во судството, и дека довербата се гради трпеливо, одговорно и мерливо, преку конкретни политики и нивна доследна примена.

Како координатор на активноста, г-ѓа Софија Спасова Медарска, член на ДКСК, го презентираше процесот на унапредување на механизмите за интегритет во судството и најави дека истиот ќе продолжи и во наредниот период преку дополнително усогласување и развој на методологијата за следење на имплементацијата на системот на интегритет, како и преку подготовка и унапредување на прирачници и насоки кои ќе претставуваат практична поддршка за лицата за интегритет во судската власт.

Во своето обраќање, амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, г-дин Килијан Вал, ја нагласи важноста на воспоставувањето на јасни, применливи и мерливи механизми за интегритет во судството, оценувајќи дека усвоените политики претставуваат силна основа за понатамошно јакнење на довербата во правосудниот систем. Тој истакна дека Мисијата на ОБСЕ ќе продолжи да ја поддржува соработката со ДКСК и релевантните правосудни институции, особено во делот на развојот на преостанатите прирачници и методологијата за следење на системот на интегритет во судството, со цел обезбедување одржлива и ефективна имплементација.

Свое обраќање на настанот имаше и амбасадорката на Сојузна Република Германија, г-ѓа Петра Дрекслер, која ја потврди важноста на интегритетот во судството како клучен елемент за владеењето на правото и европската перспектива на Република Северна Македонија.
Присутните се согласија дека јакнењето на интегритетот во судството е суштински предуслов за стабилен и одржлив правен систем, а денешниот настан беше оценет како почеток на нова фаза во која културата на интегритет се утврдува како секојдневен професионален стандард.














