Учество на Регионалната конференција „Подигнување на свеста кај функционерите за пријавувањето на имотната состојба, подароците и спречување на конфликтот на интереси“
Членот на ДКСК Бесник Џемаиљи, Генералниот секретар Адем Чучуљ и Раководителот на секорот за спречување судир на интереси, следење на имотна состојба и интереси и лобирање Кате Здравковска учествуваа на регионална конференција на тема „Подигнување на свеста кај одговорните функционери за пријавувањето на имотна состојба, подароците и спречување на конфликт на интереси“ која се одржа во Приштина, Косово, на 22 и 23 Мај 2025 година.
Работилницата беше дел од Проектот против економски криминал, кофинансиран од Европската Унија и Советот на Европа, и на истата покрај ДКСК, учествуваа претставници на Агенцијата за спречување на корупцијата на Косово, Високиот инспекторат за пријавување и ревизија на имот и судир на интереси – Албанија, Агенцијата за спречување на корупцијата – Црна Гора и Агенцијата за спречување на корупцијата и координација на борбата против корупцијата (АПИК) – Босна и Херцеговина, како и експерти и претставници на државни институции од Косово.
Настанот се фокусираше на две клучни теми поврзани со доброто владеење: пријавувањето и проверка на имотот и подароците на јавните службеници и спречување на конфликт на интереси. Беа разменети позитивни искуства и практики од земјите во регионот како и позитивни практики од земји членки на Европската унија пренесени од страна на експертот на Советот на Европа Силвиу Попа.
Во рамки на работилницата, свое обраќање имаше членот на ДКСК Бесник Џемаиљи кој се осврна на законските надлежности на ДКСК на полето на пријавувањето и следењето на имотната состојба и интересите и водењето на регистарот на подароци, притоа нагласувајќи го значењето на овие механизми и потребата за нивно постојано унапредување во насока на поефикасна превенција и борба со корупцијата.
Одржан под мотото „Довербата започнува со транспарентност“, овој настан ја засили институционалната посветеност за спречување на корупцијата и регионалната соработка за зачувување и унапредување на интегритетот на јавните институции.





