9-та Конференција на државите страни потписнички на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата (УНКАК)
Од 13 до 17 декември 2021 година, под мотото „Обединети против корупцијата“, се одржува 9-та Конференција на државите страни потписнички на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата (УНКАК). Државната комисија за спречување на корупцијата учествува на овој глобален антикорупциски настан и е преставена од нејзиниот член Владимир Георгиев, кој е и шеф на делегацијата на Република Северна Македонија на конференцијата. На конференцијата ќе се говори за глобалните постигнувања но и предизвици во спречувањето и борбата против корупцијата, меѓународна соработка, вклучувајќи и конфискување и враќање на имот и средства стекнати со криминал и корупција. Георгиев ќе има учество во рамките на различни сесии, вклучувајќи за национални антикорупциски стратегии и акциони планови – развивање, имплементирање и влијание; предизвици и можности од употребата на ИКТ во спречувањето и откривање на корупцијата и за јакнење на интегритетот; заштита на спортот од корупција – под мото „заедно сите добиваме“; на сесијата за улогата на врховните ревизорски институции во превенцијата и борбата против корупцијата – соработката со ДЗР (на оваа сесија виртуелно учество има и претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска). Исто така тој ќе биде дел и од панелот организиран од РАИ и УНОДЦ на кој ќе се разговара за иднината во борбата против корупцијата во Југоисточна Европа.
На Конференција учествуваат и претставници на граѓанскиот сектор од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) кој во изминатите години активно е вклучен во имплементацијата на УНКАК во Република Северна Македонија и има изготвено Извештај во сенка за вториот процес на ревизија на конвенцијата. На оваа Конференција претставник од МЦМС ќе се обрати на панелот за иднината во борбата против корупцијата во Југоисточна Европа организиран од РАИ и УНОДЦ каде ќе се пренесат пораките од СЕЛДИ извештаите и последните проценки за корупцијата во државата.