Средба со новиот директор на Царинската управа
Ефикасната борбата против корупција ќе обезбеди поголеми приливи на јавни приходи и подобрување на услугите кон граѓаните, заеднички беше истакнато на средбата на претседателката на Државна комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска со новиот директор на Царинската управа на Република Северна Македонија Стефан Богоев, одржана во просториите на ДКСК.
На средбата се дискутираше за досегашната соработка на двете институции и можностите за продлабочување на истата.
Претседателката Ивановска и директорот Богоев се согласија дека намалувањето на коруптивните појави ќе ја зголеми довербата во институциите, а тоа ќе резултира со намалување на сивата економија и ќе овозможи придобивки на сите нивоа, како за граѓаните, така и за подобро позиционирање на нашата држава во процесот на интеграција кон ЕУ.
На средбата стана збор и за евидентирање на анкетни листови и изјави за интереси кои вработените во Царинската управа ги поднесуваат согласно член 83 од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, при што се дискутираше за потребата за проверка на податоците од истите, особено во случаите кога постојат сознанија за несразмерно зголемен имот на одредени царински службеници.