СООПШТЕНИЕ за користење на движни и недвижни ствари во државна сопственост за време на изборна кампања
Со член 8-б став 1 од Изборниот Законик е уредено дека „за потребите на изборната кампања, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста“.
Со одредбите од Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување, се определени личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување, додека во член 4 од наведената уредеба е уредено дека „…од страна на Министерството за внатрешни работи со редовни, вонредни и посебни мерки и активности постојано се обезбедуваат следниве личности:
- Претседателот на Република Северна Македонија;
- претседателот на Собранието на Република Северна Македонија;
- претседателот на Владата на Република Северна Македонија;
- замениците на претседателот на Владата на Република Северна Македонија;
- министерот за внатрешни работи;
- министерот за одбрана;
- министерот за надворешни работи и
- директорот на Бирото за јавна безбедност и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање во Министерството за внатрешни работи
Исто така, во член 18 од наведената уредба се уредени мерките и активностите за обезбедување на личностите и објектите, кои се состојат од преземање на:
- оперативно-превентивни мерки и активности за обезбедување на личности, објекти и простори;
- превентивно-технички мерки и активности за обезбедување кои опфаќаат механичко, електронско-техничко, против-диверзионо, хемиско-биолошко-радијациско, санитарно-здравствено, противпожарно и други видови на обезбедување на личности и објекти;
- физичко и сообраќајно обезбедување на објекти и личности;
- следење на преземените дејствија и активности за спроведување на општите мерки и активности за обезбедување во органите на државната власт и други правни лица од интерес за безбедноста и одбраната на Република Македонија со кои стопанисуваат субјекти во својство на правни лица, секој во рамките на своите надлежности и овластувања утврдени со закон и
- други потребни мерки и активности од интерес и значење за обезбедување на личности и објекти.
Во исто време укажуваме на доследна примена на Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, со кој се уредува начинот на однесување и работење на носителите на извршните функции како и одделувањето на државните од партиските интереси.
Имено, во член 12 од наведениот Кодекс е уредено дека носителите на извршни функции треба доследно да се придржуваат на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите, во кој во член 54 е уредено дека секое службено лице е должно да ги чува државните средства што му се доверени и со нив да располага на најекономичен начин и за однапред определените намени, при што забрането е средствата да се користат за приватни цели или да се даваат на друг на користење. Укажуваме дека согласно член 8 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интересите, под поимот „службено лице“ се подразбираат сите избрани или именувани лица и вработените во јавниот сектор.
Согласно наведеното, Државната комисија за спречување на корупцијата, укажува на обврската за законско користење на канцеларискиот простор, канцелариската опрема и службените возила на државните органи за време на изборните кампањи, и тоа за Избори за Претседател на Република Северна Македонија 2024 година и Избори за пратеници во Собранието на Решублика Северна Македонија, кои започнуваат на 04.04.2024 година во 00:00 часот и траат до 08.05.2024 година до 19:00 часот.