Средба со Килиан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје
Воспоставената соработка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) со Мисијата на ОБСЕ во Скопје како и можностите за зајакнување на истата беше примарниот фокус на средбата на ДКСК со шефот на Мисијата на ОБСЕ, Килиан Вал, одржана на 28 февруари 2024 година.
Претседателката на ДКСК Татјана Димитровска изразувајќи ја благодарноста на ДКСК за посетата на амбасадорот Вал на почетокот на мандатот на новиот состав на ДКСК, истакна дека новиот состав на ДКСК е многу мотивиран и во таа насока е подготвен да ја продолжи и унапреди соработката со Мисијата на ОБСЕ. Од страна на сите членови на ДКСК беше искажано задоволство за посветеноста, професионалноста и поддршката што Мисијата ја дава на ДКСК.
Амбасадорот Вал, искажувајќи задоволство од досегашната соработка, нагласи дека Мисијата на ОБСЕ во Скопје останува посветена на поддршката на ДКСК во насока на зајакнување на нејзиниот статус со цел поефикасно спроведување на нејзините законски надлежности. Тој ја истакна многу важната улога што ДКСК ја има во борбата против корупцијата, која за Република Северна Македонија е најголемиот предизвик со кој треба да се справи. ДКСК е успешна приказна, нешто што е наглесено во сите извештаи за земјата, и е од особена важност да остане проактивна како и да продолжи со позитивните практики, истакна тој.
На средбата стана збор за активностите на ДКСК во врска со спроведување нејзините законски надлежности за време на изборниот период. Притоа, амбасадорот Вал беше информиран дека ДКСК веќе презеде проактивен пристап и објави соопштение за законските одредби со кои се регулираат ограничувањата за време на изборниот период, а воедно испрати информативни циркулар до вкупно 1250 јавни институции на централно и локално ниво, граѓански организации и медиуми.
Претседателката Димитровска и членовите на ДКСК го информираа амбасадорот Вал за соработката на ДКСК со другите надлежни институции на полето на превенција и репресија на корупцијата, особено со Јавното обвинителство, пришто заеднички беше констатирано дека истата треба да се зајакне во насока на остварување на заедничката цел, владеење на правото и поефикасна борба против корупцијата. Притоа, беше нагласено, дека е од особена важност почитување на препораките на ДКСК и процесуирање на нејзините иницијативи.
На крајот на средбата, се дискутираше за приоритетните потреби на ДКСК како и за можностите за обезбедување на поддршка од страна на Мисијата на ОБСЕ, за што беше договорено да продолжи меѓусебната комуникација за операционализрање на соработката.