Работна средба со Јавното обвинителство во врска со активностите за следење на изборниот процес
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска и членовите на ДКСК Цвета Ристовска и Софија Спасова Медарска остварија работна средба со Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, која има за цел да ја засили координацијата меѓу двете институции за ефикасно следење на изборниот процес.
На средбата се дискутираше за подготовките на ДКСК и Јавното обвинителство, согласно надлежностите на секоја од двете институции, за ефикасно постапување со цел гаранција на мирен и фер изборен процес, како и санкционирање на сите оние кои евентуално би се обиделе да го нарушат.
Претседателката Димитровска ги презентираше отпочнатите активности на ДКСК во предизборниот период и воспоставената база на податоци за службени возила кои ги користат институциите како прва активност за следење на нивното користење во предизборието.
Јавниот обвинител Џелал Бајрами, кој е назначен за претседател на Комисијата за следење на евентуални нерегуларности и кривични дела поврзани со изборите го појасни составот и начинот на функционирање на Комисијата формирана во Јавното обвинителство, динамиката на постапување по предметите поврзани со изборни нерегуларности и начинот на следење на предметите оформени по пристигнати известувања на посебната електронска адреса за пријавување: izbori@jorm.mk.
ДКСК и Јавното обвинителство ќе одржуваат директна комуникација и непосредно ќе се координираат при постапувањето по сите пријави и претставки кои се однесуваат на евентуални изборни нерегулaрности.