ДКСК беше дел од Антикорупцискиот караван во Битола
Државната комисија за спречување на корупцијата, денес во Битола, беше дел од Антикорупцискиот караван организиран од програмата „Граѓаните против корупцијата“, финансирана од УСАИД и спроведена од МЦМС.
Во своето обраќање, претседателката на ДКСК Татјана Димитровска, покрај останатото, истакна дека Антикорупцискиот караван има задача да потсети дека правдата и чесноста не се само зборови, туку се принципи по кои треба да делуваме. „Овој проект „Граѓаните против корупција“ е многу важен и без поддршка на граѓаните, без соработка на институциите, нема да можеме да постигнеме многу. Пријавите од граѓаните и нашите активности се значајни за ова општество, и затоа нашата задача е да се ставиме на располагање на граѓаните“, додаде претседателката Димитровска.
Покрај ДКСК, дел од Антикорупцискиот караван беа и УСАИД, Заменик претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Управата за финансиска полиција, Јавното обвинителство во Битола и општина Битола, заеднички демонстрирајќи интегриран и сеопфатен пристап за отворање соработка со граѓаните во борбата против корупцијата.
Учесниците во антикорупцискиот караван упатија заедничка порака дека во борбата против корупцијата треба да се настапува заеднички и со поддршка на граѓаните.