Учество на Тематски форум за користење на податоците за вистинските сопственици во борбата против корупцијата
На 28 јануари 2026 година, претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Адем Чучуљ и членот на ДКСК, м-р Билјана Каракашова Шулев, учествуваа на Тематски форум за користење на податоците за вистинските сопственици во борбата против корупцијата организиран од Центарот за граѓански комуникации.
Форумот беше организиран во рамки на проектот „Користење на податоците за вистинските сопственици за намалување на корупцијата“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. На настанот учествуваа повеќе од 30 претставници на клучни јавни институции, граѓански организации, медиуми и меѓународни организации, кои дискутираа за можностите и начините на користење на податоците од Регистарот на вистински сопственици на правните субјекти како значајна алатка во борбата против корупцијата.
Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, истакна дека се работи на директно поврзување на податоците од повеќе институции, меѓу кои Централниот регистар, Агенцијата за катастар на недвижности, Министерството за внатрешни работи и Управата за јавни приходи, со цел овозможување директна проверка и користење на податоците, кои во иднина би биле достапни и за јавноста.
Тој нагласи дека вкрстувањето и интероперабилноста на овие податоци се клучни за откривање на корупцијата и судирот на интереси, како и за зајакнување на транспарентноста.
















