Потпишан Меморандум за соработка помеѓу ДКСК и Фондацијата Конрад Аденауер
Денес, во просториите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу ДКСК и Проектот „Бизнис со интегритет Северна Македонија – мобилизирање на малите и средни претпријатија како лидери против корупцијата“, кој го имплементира Фондацијата Конрад Аденауер (КАС).
Меморандумот го потпишаа д-р Павел Усватов, директор на програмата за владеење на правото во Југоисточна Европа на Фондацијата Конрад Аденауер, и Адем Чучуљ, Претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Целта на оваа соработка е унапредување на интегритетот и зајакнување на антикорупциските стандарди во приватниот сектор, со посебен фокус на малите и средни претпријатија. Во таа насока, партнерството предвидува реализација на заеднички активности насочени кон јакнење на капацитетите, подигање на јавната свест, спроведување обуки и промоција на добри практики во областа на деловниот интегритет и спречувањето на корупцијата.
Потпишувањето на овој Меморандум претставува значаен чекор кон продлабочување на соработката меѓу ДКСК и меѓународните партнери, во насока на намалување на корупциските ризици, унапредување на деловната етика и создавање поповолна и поотпорна бизнис-клима во Северна Македонија, во согласност со европските стандарди и вредности.















