Одржан Отворен ден со студенти од Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип во ДКСК
Денес, во просториите на Државната комисија за спречување на корупцијата, се одржа отворен ден со студенти од Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во придружба на професор д-р Ѓорги Сламков од Катедрата по казнено право.

Посетата беше реализирана со цел студентите непосредно да се запознаат со улогата, надлежностите и работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, како и со значењето на институционалниот интегритет, превенцијата на корупцијата и судирот на интересите.
Во рамки на средбата беше одржана презентација преку која студентите имаа можност да се информираат за основните поими поврзани со корупцијата, судирот на интереси, подароците и погодностите, како и за значењето на заштитеното пријавување и личната одговорност во заштитата на јавниот интерес.

Посебен акцент беше ставен на потребата од јакнење на свеста кај младите за препознавање на коруптивните ризици, развивање етички вредности и градење култура на интегритет уште во текот на образовниот процес.

Средбата претставуваше можност за отворен дијалог со студентите, кои покажаа интерес за практичните аспекти на спречувањето на корупцијата и за улогата на младите во градењето на потранспарентно, поодговорно и поправедно општество.
Државната комисија за спречување на корупцијата останува посветена на едукацијата, превенцијата и соработката со академската заедница и младите, како важен предуслов за унапредување на интегритетот и антикорупциските вредности во општеството.














