Размена на искуства и добри практики меѓу антикорупциските институции на Северна Македонија и Србија, со поддршка на ReSPA
Делегација на Државната комисија за спречување на корупцијата, предводена од претседателот Адем Чучуљ, на 17 и 18 септември 2026 година престојуваше во студиска посета на Агенцијата за спречување на корупцијата на Република Србија во Белград.
Посетата беше реализирана во рамките на Програмата за мобилност на Регионалното училиште за јавна администрација – ReSPA, со цел размена на знаења, практични искуства и добри практики во областа на институционалниот интегритет, антикорупциското образование, дигиталното учење и поддршката на институциите при воспоставувањето и примената на системите за интегритет.

Во делегацијата на ДКСК, покрај претседателот на ДКСК Адем Чучуљ, учествуваа генералниот секретар Маја Коневска, раководителката на Одделението за стратешко планирање, соработка, проекти, аналитика и едукација и лице за интегритет Александра Чавдаревска и раководителот на одделение за спречување судир на интереси и лобирањет, Сашко Колев.
Во текот на дводневната работна програма, претставниците на двете институции ги презентираа своите надлежности, актуелните реформски процеси и практичните искуства во развојот и следењето на политиките за интегритет. Посебно внимание беше посветено на правната и институционалната рамка за интегритет во Србија, програмите за обука на различни целни групи, развојот на наставни програми и методологии, како и на механизмите за следење и оценување на ефектите од спроведените активности.
Значаен дел од посетата беше посветен на електронското учење и употребата на дигитални алатки во антикорупциското образование. Беа разгледани структурата и содржината на платформите за е-учење, начините за поттикнување на учеството на корисниците, одржливоста на дигиталните решенија и можностите за нивно натамошно унапредување.
Претставниците на ДКСК ги презентираа националниот систем на интегритет, искуствата од неговата примена и следење, улогата на лицата за интегритет, спроведувањето обуки и развојот на електронските алатки.

Работните сесии овозможија отворена дискусија за предизвиците во практиката, меѓу кои институционалната сопственост врз процесите, поддршката од раководството, отпорот кон промените, одржливоста на воспоставените механизми и потребата од ефикасна меѓуинституционална координација. Разгледани беа и можните подобрувања на платформата за е-учење и програмите за обука на ДКСК врз основа на искуствата на српската Агенција.
Двете институции ја потврдија важноста на континуираната размена на знаења и практични решенија, како и подготвеноста за натамошна соработка во развојот на обуките, дигиталните алатки, методологиите за следење и механизмите за поддршка на институциите од јавниот сектор.














