Средба со претставници на набљудувачката мисија на ОБСЕ ОДИХР
На 23.09.2021 година во просториите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), членовите на ДКСК остварија средба со претставници на набљудувачката мисија на ОБСЕ ОДИХР која ќе го следи спроведувањето на локалните избори во Република Северна Македонија кои ќе се одржат на 17 октомври 2021 година, односно ќе следи дали се исполнети стандардите и заложбите на ОБСЕ по однос на спроведување на изборите.
Средбата се одржа на барање на претставниците на набљудувачката мисија на ОБСЕ ОДИХР со цел запознавање со активностите кои се преземаат од ДКСК во однос на спроведувањето на законските надлежности за спречување на корупцијата во политиката, односно следење на законитоста на финансирањето на политичките партии и изборните кампањи.
Од страна на членовите на ДКСК беа презентирани законските надлежности на ДКСК во однос на спречување на корупцијата во политиката кои произлегуваат од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, досегашните искуства на ДКСК по однос на примена на Законот во текот на изборниот процес за предвремените парламентарни избори во Република Северна Македонија одржани во 2020 година, како и проблемите со кои се соочува за нивно реализирање пред се поради ограничените материјални и кадровски капацитети.
Беше потенцирана соработката со ИФЕС, со чија поддршка е овозможено ангажирање на надворешни соработници: набљудувачи- за теренско набљудување на активностите на учесниците во Локалните избори, и аналитичари – за анализа на финансиските трансакции и податоците кои ќе бидат презентирани во финансиските извештаи.
Воедно, членовите на ДКСК информираа за соработката со другите надлежни институции како и со граѓанскиот сектор во насока на поефикасно реализирање на законските надлежности за време на изборниот процес.
Членовите на ДКСК и претставниците на набљудувачката мисија на ОБСЕ ОДИХР договорија остварување на соработка во текот на следење на изборниот процес, на начин што претставниците на набљудувачката мисија на ОБСЕ ОДИХР ќе ги следат седниците на ДКСК и на тој начин ќе се информираат за постапувањето на ДКСК во текот на изборниот процес, а воено ќе се остварува комуникација на тимовите на набљудувачката мисија на ОБСЕ ОДИХР со надворешните лица ангажирани од страна на ДКСК за следење на изборната кампања.