Организирана посета на ДКСК од претставници – професори и студенти од Правниот факултет при УКЛО – Битола
На 19.04.2022 година, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) беше домаќин на организирана посета од претставници – професори и студенти од Правниот факултет при УКЛО – Битола.
На поднесеното барање на деканот, проф. д-р Горан Илиќ, за организирана посета на дваесет студенти и двајца професори, како претставници од Правниот факултет при УКЛО – Битола, ДКСК ја имаше честа позитивно да одговори на интересот за посета.
Имено, членовите на ДКСК се сретнаа со студентите и нивните професори, воспоставија директна комуникација и поблиску ги запознаа присутните со надлежностите, процесот на работа и постапување на ДКСК.
Членот на ДКСК, г-ѓа Катица Николовска, подготви презентација за гостите, при што ги опфати сите активности и надлежности на ДКСК, со посебен акцент на запознавање на структурата на ДКСК и неговиот секретаријат, процесите за подготовка на Националната стратегија, улогата на ДКСК во изборните процеси и ги запозна присутните со статистички податоци и анализи од предметите на кои Комисијата работи во периодот од 2019 година, до сега.
Заменик претседателот на ДКСК, г-дин Нури Бајрами ги потсети присутните за важноста на примената на законите, потребата за поттикнување на креирање антикорупциски политики и мерки, како и промоција и развој на правна култура.
Средбата беше оценета како успешна и ДКСК, како транспарентна институција, предводник во процесот на борбата против корупцијата, се надева дека оваа посета ќе претставува поттик за останатите факултети и универзитети да воспостават поблиска соработка со ДКСК.