ДКСК ГИ УСВОИ ПОСЕБНИТЕ ИЗВЕШТАИ ЗА ФИНАНСИРАЊЕТО НА ИЗБОРНИТЕ КАМПАЊИ ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ 2025 И ПОВТОРНИТЕ ИЗБОРИ 2026
Државната комисија за спречување на корупцијата на својата 28-та и 30-та седница ги усвои Посебните извештаи за утврдените состојби во финансирањето на изборните кампањи за Локалните избори 2025 година и за Повторните локални избори 2026 година.
Извештаите ги сумираат клучните наоди од мониторингот и анализата на финансирањето на изборните кампањи, ги идентификуваат системските слабости и предлагаат мерки за унапредување на транспарентноста, отчетноста и ефикасноста на изборните активности.
Во текот на изборниот процес за Локалните избори 2025 година, ДКСК оформи 43 предмети по пријави и по сопствена иницијатива, со сомневања за прекршувања на Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Од обработката на доставените финансиски извештаи и увидот во банкарските сметки, беа утврдени приходи во вкупен износ од 597.343.675 денари, при што 47,6% од средствата се однесуваат на платено политичко рекламирање обезбедено од Буџетот на државата.
Кај Повторните локални избори 2026 година, од вкупните средства за финансирање на изборната кампања во износ од 18.496.573 денари, дури 68% се средства директно обезбедени од Буџетот на државата за платено политичко рекламирање.
Извештаите покажуваат и нецелосно исполнување на законската обврска за финансиско известување, преку недоставување, делумно доставување или доставување извештаи со нецелосни податоци. Поради тоа, ДКСК укажува на потребата од зајакнување на системите за следење и надзор, како и на дигитализација на целиот процес на финансиско известување.
ДКСК оценува дека целосното, точно и навремено финансиско известување претставува важен предуслов за зајакнување на транспарентноста, политичкиот интегритет и довербата во изборниот процес.
Посебните извештаи се достапни на следниот линк:
https://dksk.mk/mk/%d0%b8%d0%b7%d0%b1%d0%be%d1%80%d0%b8-%d0%bf%d0%be%d1%81%d0%b5%d0%b1%d0%bd%d0%b8-%d0%b8%d0%b7%d0%b2%d0%b5%d1%88%d1%82%d0%b0%d0%b8/












